| |
Проблемите во сферата на управувањето со отпадот и неможноста на општините да делуваат во насока на подобрување на стандардите за депонирање, беа причина Владата да донесе одлука за издавање под концесија на изградбата и управувањето со три регионални депонии: во Југоисточниот, Полошкиот и Југозападниот плански регион. РЕЦ ги концентрираше своите активности на две полиња:
- направи анализа на постојната документација и правната рамка, и
- работеше со општините со цел утврдување на најсоодветниот обем на концесискиот проект.
Анализите покажаа дека, согласно правната рамка, општините се надлежни да го спроведуваат процесот за издавање под концесија на управувањето со отпадот. Меѓутоа, пред да биде издадена концесијата, општините треба да се спогодат меѓусебно за клучни прашања поврзани со меѓуопштинската соработка. Исто така, тие треба да носат одлуки за технологијата на отстранување на отпадот и најсодветните форми на партнерство со приватниот сектор. Од тие причини, Министерството за животна средина и просторно планирање се влучи во процесот, со цел да се изнајдат најдобри решенија за соработка со идниот концесионер, како и да се олеснат преговорите, помеѓу самите општини и со идниот концесионер.
РЕЦ го помагаше и ќе го поддржува процесот преку организирање на состаноци и изработка на сите неопходни документи кои ќе се користат при спроведување на тендерската постапка. РЕЦ, исто така, помогна при формирањето на Комисии за спроведување на постапката во регионите. Со цел постапно да се затвараат отворените прашања околу опсегот на концесискиот проект (покрај депонирање, како алтернативни компоненти се воведени собирањето и транспортирањето на отпадот и затворањето на неуредените депонии) и да се донесе одлука за најповолната форма на партнерство со идниот концесионер (институционална или договорна концесија), одлучено е постапката да се спроведува како конкурентен дијалог.
Оваа постапка е релативно нова и во Европа, меѓутоа сите учесници во процесот се согласни дека на тој начин концедентите заедно ќе зреат низ процесот, а воедно ќе се поттикне конкуренција помеѓу кандидатите што ќе се пријават за учество по објавениот тендер. Постапката ќе се спроведува во три фази и се очекува истата да отпочне откако ќе се донесат сите релевантни одлуки од страна на советите на општините и Владата на Република Македонија.
|